Промовирани новите туристички производи во Малешевијата

На 30.06.2021 година, во Едукативниот центар за зачувување на природата, се одржа промоција на новите туристички производи во Малешевијата кои беа креирани во текот на изминатата година од страна на компанијата Маунтин Експириенс од Скопје, која што е специјализирана за консултантство и услуги во авантуристичкиот туризам.

Во периодот од мај 2020 до јуни 2021 година, во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија која е финансирана од Швајцарскaта агенција за развој и соработка (SDC), координирана од Фармахем, Скопје, беа ставени во функција патеки за планински туризам со вкупна должина од 250 километри кои се основа за новите производи во авантуристички туризам.

Во рамки на проектната задача изработена е книга водич за новите производи, туристичка топографска мапа, летоци и мобилна апликација за навигација вдолж патеките каде што се содржани дополнителни информации од интерес за туристите.

Со новите туристички содржини значително се зголемува атрактивноста на Малешевијата како дестинација за активен одмор, а начинот на кој што се креирани производите според пазарно ориентиран пристап и примена на најновите светски практики во дејноста, преставува одличен пример за креирање нови производи во туризмот, не само во Малешевијата, туку во целата земја. Новите производи ќе придонесат за дополнителна препознатливост на регионот како дестинација за авантуристички туризам на домашниот, регионалниот и странскиот пазар и значително зголемување на туристичкиот промет во пост Ковид периодот.