„Малешевија – твојот дом на планина“ е новата туристичка понуда за активен туризам во малешевскиот регион.

Изминатата сабота (05 јуни 2021 година) Едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево беше домаќин на настан на кој беше претставена новата туристичка понуда за активен туризам „Малешевија – твојот дом на планина“. Настанот беше организиран по повод одбележување на Светскиот ден на животната средина и Светскиот ден на велосипедизмот и на истиот за прв пат во нашата држава беше претставен пилот регионален план за развој на шумите за регионот на Малешево.

Марјана Шушлевска, тим лидер на Програмата за зачувување на природата, го отвори настанот, а на истиот говореше и Амбасадорот на Швајцарија во Република Северна Македонија – НЕ Sybille Suter Tejada.

„Еве сме тука повторно, по само две недели од нашата последната посета, во ова прекрасно опкружување, во дворот на Едукативниот центар за зачувување на природата, овој пат, за одбележување на Светскиот ден на животната средина и Светскиот ден на велосипедизмот. За прв пат во државата, во рамките на Програмата за зачувување на природата, развиен е пилот регионален план за развој на шумите за регионот на Малешево преку целосно партиципативна постапка, вклучувајќи ги сите засегнати страни на централно и локално ниво. Еден од приоритетите во овој план беше да се создадат услови за развој на планински авантуристички туризам преку воспоставување на унифициран мрежен систем на пешачки и велосипедски патеки со вкупна должина од 230 км. Оваа прилично голема работа ја заврши Mountain Experience, тур-оператор специјализиран за авантуристички туризам. Покрај патеките, развиен е и целосен пакет производи, како што е Водич за активен туризам, Android апликација, мапа и леток што ќе го направат целиот регион уште подостапен за љубителите на активниот туризам. Швајцарија, исто така, го поддржува создавање нови производи за авантуристички туризам во Северна Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост. Препознавајќи го високиот потенцијал на Малешевскиот регион за развој на одржлив и пријателски природен туризам, Програмата обезбеди е-велосипеди, ски опрема за зимски спортови и безбедносна опрема што ќе се користи од страна на туристите. Амбасадорката истакна дека очекува и се надева дека иницијативите, како овие, ќе создадат интерес кај локалното население, туристичките оператори и агенциите и во другите региони во земјата. „Овие примери потврдуваат дека природата може да се зачува и заштити и, во исто време, да се создадат услови за подобар економски развој на регионот и локалните домаќинства. Донесувањето повеќе туристи, но на одржлив и организиран начин, им дава можност на локалното население да понуди традиционална храна, пијалаци и производи, капацитетите на туристите и сместувањето да се прошират, а посетителите да добијат нови знаења за природниот капитал, историјата и културата.

Градоначалникот на општина Пехчево – Драган Тренчовски потенцираше дека одржливиот развој и користењето на природните ресурси на начин кој нема да ја загрози природата и здравјето на луѓето е определба на општината, а дека туризмот е еден од столбовите за развој на регионот, и општина Пехчево во изминатиот период активно работи на подобрување на условите за инвестирање во туристички капацитети и содржини, како и на зголемување на атрактивноста и промоција на туристичките потенцијали. „Мрежата на патеки за пешачење и велосипедизам даваат придонес токму во таа насока, преку создавање на дополнителни содржини за туристите, кои заедно со промоција на природните вредности, локалната храна, како и ставањето во функција на Туристичкото информативно биро, ќе придонесат за препознатливост на овој регион кај туристите и во следниот период очекуваме поголем број на посетители.“

Звонко Пекевски, градоначаник на општина Берово пак изјави дека Малешевскиот регион претставува една природна целина која се истакнува со своето природно и културно богатство.

„Особено радува фактот што со овој проект, целиот регион е опфатен со обележени пешачки и вело патеки, со стандардна класификација, кои патеки ќе значат многу за промовирање на туризмот во Малешевскиот регион, во развојот на планинскиот и велосипедскиот туризам и во локалниот економски развој воопшто.“ Дополнително, нагласи градоначалникот „Истражување на биодиверзитетот на Малешевијата, со мапирање на ретки и ендемични видови на растенија, животни и живеалишта, како и прогласувањето на заштитеното подрачје ,,Малешево” ќе биде од големо значење за регионот, со што ќе се заштити постоечкиот биодиверзитет, а успешната туристичка приказна ќе биде надополнета со дополнителни благодати, кои ќе го красат регионот. Влегување во Европскиот појас на заштитени подрачја, ќе ни овозможи полесно искористување на европските фондови за таа намена и приклучување кон современите трендови за заштита на животна средина.“ Едукативниот Центар за зачувување на природата во с. Негрево беше локацијата на која беше претставена новата туристичка понуда за активен туризам „Малешевија – твојот дом на планина“.

На настанот учествуваа претставници на дипломатските претставништва во Република Северна Македонија, министерства, јавни претпријатија, агенции, тур оператори кои преку организираната планинарска и велосипедска тура имаа можност одблиску да ги видат и да се запознаат со природните убавини и туристичкиот потенцијали на Малешевијата.

Настанот го организираа Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), координирана од Фармахем и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), проекти на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).