Просторија 1

Брегалнички Слив и значењето на водата

Подрачјето на сливот на реката Брегалница претставува главен и најзначаен воден ресурс во источна Македонија. Во оваа просторија ќе може да се запознаете со сливното подрачје на реката Брегалница, да погледнете интересни видеа, на интерактивен начин да се запознаете со летот на царскиот орел, да научите за циклус на движење на водата во природата и за дел од живиот свет во р.Брегалница или да дознаете како функционира една прочистителна станица. Ова е најголема просторија која е целосно опремена за организација на предавања и работилници
Просторија 2

Најкарактеристични видови живеалишта

Брегалничкиот слив се карактеризира со голема разновидност на живеалишта, кои се со различно распространување и различна организација. Во оваа просторија ќе можете да ги погледнете најкарактеристичните видови на живеалишта од брегалничкиот регион претставени преку своите значајни и ретки растителни и животински видови.
Просторија 3

Хербариум и инсектариум

Едукативниот центар располага со просторија со хербариум и инсектариум, каде се претставени дел од карактеристичната флора и фауна од брегалничкиот регион. Просторијата е прилагодена за практично запознавање со процесот на изработка на хербариум и инсектариум.
Просторија 4

Збирка на семиња и збирка на фосили

Растителната агробиолошка разновидност во сливното подрачје на реката Брегалница се состои од голем број видови на земјоделски култури од кои дел се застапени во комерцијалното производство на големи површини и стари локални сорти кои се одгледуваат на мали површини и се наменети пред сѐ за личните потребите на жителите. Како изгледаат семињата на земјоделски култури кои се одгледуваат во брегалничкиот регион можете да откриете во оваа просторија.
Дополнителна содржина

Патеката на Петко

„Патеката на Петко и шумските жители – пехчевска авантура” е едукативна пешачка патека во должина од 2км, која почнува од Едукативниот центар и завршува во близина на локалитетот Јудови Ливади каде што вирее муволовката или инсектојадното растение Drosera rotundifolia.

Патеката е наменета главно за ученици и други заинтересирани вљубеници во природата. По патеката има поставено едукативни табли со информации за одредени видови од флората и фауната кои што се карактеристични за брегалничкиот регион.

Дополнителна содржина

Јудови Ливади

Локалитетот Јудови Ливади се наоѓа во подножјето на Буковик, на околу 1.100-1.200 метри надморска висина. На локалитетот се присутни тресетишта, почва која е создадена од многу големи количини мртва растителна материја, собирана низ годините. Поради специфичните услови на почвата на овој простор се развива карактеристичен жив свет меѓу кои е и инсектојадното растение муволовка (Drosera rotundifolia), кое е многу ретко на територијата на Република Северна Македонија.

Муволовката се храни со инсекти кои се привлечени од неговата светлоцрвена боја и тенките влакненца облеани со слатка и леплива течност. Со помош на своите ензими ги разложува прилепените инсекти, користејќи ги од нив хранливите материи кои му недостасуваат.

Инсектојадното растение е препознатлив знак и на овој локалитет и на Едукативниот центар, истото го има на логото и на сите промотивни материјали во стилизирана форма.