За Едукативниот центар
Основната цел на едукативниот центар е да придонесе кон зачувување на природата во брегалничкиот регион, преку едукација и подигање на јавната свест, како и промоција на одржливото користење на природните ресурси. Со реконструкцијата на старата училишна зграда во с.Негрево, внатрешниот и надворешниот дел беа адаптирани за потребите на современ и интерактивен едукативен процес, каде на несекојдневен и оригинален начин на посетителите ќе им се доближи значењето на природата и ќе се презентира биолошката разновидноста на брегалничкиот слив.
Едукативниот центар има уреден двор со елементи за интерактивни активности за деца, млади и возрасни. Посетителите може да ја посетат и „Патеката на Петко и шумските жители-Пехчевска авантура”, која го поврзува Едукативниот центар со локалитетот Јудови Ливади, каде вирее инсектојадното растение муволовка (Drosera Rotundifolia), кое е ендемичен вид за овие простори.
Едукативниот центар е во сопственост на Општина Пехчево, а со него раководи дипломираната професорка по биологија Верица Арнаутовска.

