Одбележување на Меѓународниот ден на пчелата

Во Едукативниот центар за зачувување на природата, по повод Меѓународниот ден на пчелата, се одржа настан поддржан од Амбасадата на Република Словенија во Р.С Македонија, а во соработка со Општина Пехчево и ЈГПБР „Меден Исток”.

Пред присутните свое обраќање имаа амбасадорот на Република Словенија во Р.С Македонија г-дин Милан Предан, координаторот на Обединетите нации во Р.С Македонија г-ѓа Росана Дуџак, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Трајан Димковски, како и градоначалникот на општина Пехчево,
г-дин Драган Тренчовски.

Целта на одбележувањето на Меѓународниот ден на пчелата е да се нагласи важноста на пчелите за природата и биодиверзитетот, загрозеноста на нивниот опстанок и нивниот придонес за одржлив развој.

По повод настанот беше организиран ликовен и литературен конкурс на тема: “Значењето на пчелите за природата”, на кој учествуваа ученици од ООУ “Ванчо Китанов”- Пехчево и ОСУ “Ацо Русковски”- Берово. Амбасадата на Република Словенија на најуспешните ученици им додели награди, кои им ги врачи амбасадорот на Република Словенија и неговата сопруга.

Присутните имаа можност да ги вкусат традиционалните малешевски специјалитети и секако да го пробаат медот произведен на одржлив начин од живописните предели на брегалничкиот регион со примена на биотехнички методи на пчеларите од ЈГПБР “Меден Исток”.