Едукативниот центар е добитник на признанието за најдоброто од истокот во областа на невладиниот сектор за 2019 година

Едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево е добитник на признанието за најдоброто од истокот во областа на невладиниот сектор за 2019 година како важна институција што работи на зачувување на природата во брегалничкиот регион преку едукација и подигање на јавната свест особено на најмладите генерации.

 

Во претходната година освен што работевме на доопремување на центарот, организиравме и голем број на креативни работилници за различни целни групи, а оваа година со креирањето на свое лого и визуелен идентитет, како и промотивна кампања за ЕЦ, се надеваме уште повеќе дека во наредниот период ќе допринесеме за популаризација на вредностите за кои што се залагаме.

Признанијата за најдоброто од истокот се доделуваат веќе шеста година од страна на новинарите од источниот регион кои што се дел од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на стопански организации, институции и поединци за заслуги во различни дејности за претходната година.

Во име на Едукативниот центар, наградата ја прими Верица Арнаутовска од Општина Пехчево, раководител на центарот во с. Негрево. Воспоставувањето на Едукативниот центар е поддржано од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој е координиран од Фармахем.